Македонија ќе нема свој кошаркар во милениумската ФИБА „петорка на соништата“, откако по натурализираниот Бо Мекејлеб во потесниот круг од 12 кошаркари во избор на навивачите не успеа да влезе  и актуелниот претседател на кошаркарската федерација, Перо Антиќ

Откако помогнаа да бидат одбрани крајните почетни петорки на најуспешните европски репрезентации, дојде време навивачите да го изберат својот „Тим на соништата“ на ФИБА ЕвроБаскет 2000-2020.

Од 80. играчи што ги изгласаа навивачите во првата фаза на гласање, 24 од нив се избрани во потесен избор според спортските критериуми за да учествуваат во последната рунда на гласање, што се одржува во две одделни категории, со кошаркарски жаргон кажано, бековски, односно крилно/центарски дел.

Сите овие играчи добија признание „Ол Стар Пет“ барем еднаш во кариерата и зачекорија на подиумот на ФИБА ЕвроБаскет барем еднаш во новиот милениум.

Гласањето за крилно/центарските места стартуваше на 3. август, и ќе трае до 9. август.

Во финалниот избор на „12 величенствени“ влегоа Дејан Бодирога, Предраг Стојаковиќ (Србија), Борис Диао (Франција), Руди Фернандез, Пау Гасол, Марк Гасол (Шпанија), Андреј Кириленко (Русија), Линас Клеиза, Рамунас Шишкаускас, Јонас Валанчиунас (Литванија), Дирк Новицки (Германија) и Хидајет Туркоглу (Турција).