По тешкиот пораз од речиси 40 разлика селекторот на македонските кошаркари немаше многу причини за задоволство на пресот по мечот, бидејќи стартот е со голем пораз во квалификациите од Шпанија.

Сепак Драган Бајиќ истакна дека не е мисијата за во овој момент, туку градење репрезентација на долги стази и дека исходот од овој меч не е пресуден за ништо.

„Пред се честитки на Шпанија за заслужената победа. Благодарност до публиката што дојде во голем број за да ни даде поддршка. Што се однесува до самиот меч, можам да бидам задоволен во голем дел од првото  полувреме, но она што го најавив и пред мечот, Шпанците имаат квалитет и го докажаа тоа во вториот дел. Генерално сум задоволен од првото полувреме, освен она што го барав од играчите – дека не смееме да брзаме и да ја губиме главата во нападот. Секогаш кога тоа ќе се случеше, противникот ги казнуваше нашите грешки. Шпанија влезе уште поагресивно во одбраната во второто полувреме, изнудија бројни грешки и стигнаа до убедлива победа. Резултатот не е толку важен, овие момци што ги тренирам покажаа карактер, а некои работи и недостатоци не можеме да ги корегираме за така краток период. Битно е да почнеме да градиме стил на игра што ќе ја краси оваа репрезентација во наредните години, затоа велам дека резултатот не е пресуден“- изјави Бајиќ на прес-конференцијата по натпреварот.