Кошаркарите на Куманово му се реваншираа на Академик за поразот кој го доживеаја на домашен терен. Дури им наплатија со камата на домаќините во Пловдив.

Кумановчани стигнаа  до победа изразена со повисока разлика од онаа со која ги загубија мечот на домашен паркет, запишаа победа со 96-79 со која си ги враќа шансите за „премин“ во следната фаза од Лигата на Балканот.

Одлично прво полувреме одиграа кумановци во Пловдив. Доказ плус за тоа беше и водството по 20.минути од играта (47:41).

Во најголема мерка реализирано со помош на Зивчевиќ, кој погоди четири тројки (од седум обиди) за 12. негови поени, и Андрејевиќ, кој дојде до бројката од десет реализации (шут од игра 5/9) но и осум скока.

Полувреме кое тренерот Владимир Мирковски се реши и го одигра со само шест играчи, од кои без поени остана само Глигоријевиќ.

Во второто, барем во оние седум–осум минути, кумановци делуваа уште посигурно, пред се во фазата на нападот. По тројката на Марковски, „сино-белите“ дојдоа до најубедливата предност во текот на мечот. Имаа плус од 14.поени (67:53).

Но загубија добар дел од неа во финалните две минути од третата четвртина во која Академик со серијата од (9-2), се доближи на достижни (62:69).

Но битен момент за гостите беше оној кој вели дека освен Марковски, поентерски се отвори и Рос, па гостите имаа четири кошаркари со најмалку десет дадени поени во пресрет на четвртината на одлука.

Токму Рос со „три плус еден“ игра ја отвори последната делница од средбата во Пловдив. И го врати „играчкиот мир“, секако и водството на (73:62).

Мирковски направи и еден доста храбар потег. Во игра го уфрли младиот  Марко Ѓорѓиевски, кој му врати на довербата максимално. Додаде осум поени во поентерското салдо на кумановци во последниот период од играта во кој гостите ја потврдија добрата игра со мошне важен триумф.

Трет за нив во шест одиграни мечеви во БИБЛ, за половичен ефект пред утрешното ново гостување во Бугарија. Она во Стара Загора, против екипата на Берое  во мечот закажан за 17. часот по македонско време.