Неизвесен е настапот на кошаркарот на Атланта, Богдан Богдановиќ против Филаделфија во решавачкиот седми натпревар од полуфиналето од плејофот на Источната конференција во НБА лигата.

Богдановиќ ја напушти играта во четвртата четвртина од натпреварот против Филаделфија одигран синоќа поради болка во десното колено, и тој не се врати на теренот.

Тренерот на Атланта, Нејт Мекмилан изјави дека болката што ја чувствува српскиот кошаркар нема никаква врска со повредата на коленото поради која Богдановиќ пропушти 25 натпревари на почетокот на сезоната.

На прашањето дали е оптимист дека Богдановиќ ќе се врати во тимот на следниот натпревар, Мекмилан одговори:

„Не знам и немам одговор на тоа прашање“.

„Ќе видиме како ќе се чувствува“, додаде тој.

Богдановиќ шутираше 3/11 во шестиот натпревар и постигна седум поени. На четвртиот натпревар постигна 22 поени, а на петтиот натпревар шест поени.

Богдановиќ е втор најдобар стрелец на Атланта оваа сезона во плејофот, со просек од 15,4 поени, пред шестиот натпревар. Во регуларниот дел од сезоната имаше просек од 16,4 поени.

Од 1 април тој беше лидер во Источната конференција со постигнати 128 „тројки“.

Одлучувачкиот седми натпревар е закажан ноќта помеѓу недела и понеделник во Филаделфија.