НБА кошаркарскиот клуб на Бруклин Нетс до крајот на неделата ќе има нов сопственик. Екипата ќе заврши кај тајванско-канадскиот бизнисмен, Џозеф Цаи (55) кој франшизата ја купи за рекордни 2,35 милијарди долари.

Цаи во 2018 година купи 49 отсто од акции на популарните „мрежички“ за што плати една милијарда долари за сега да додаде уште 1,35 милијарди долари за останатите 51 отсто, чиј сопственик е Русинот, Михаил Прохоров, за да комплетнио го презеде управувачки пакет во клубот.

На тој начин ќе биде поставен нов рекорд при купување на спортски франшизи што досега го држеа Дејвид Тепер и Тилман Фертит кои платија по 2,2 милијарди долари за НФЛ тимот на Каролина Пантерс, односно, за НБА екипата на Хјустон Рокетс.

Новиот сопственик на Бруклин е еден од ко-основачите и потпретседател на групацијата „Алибаба“ и неговото богатство се проценува на 9,9 милијарди долари.

„Нетси“ ова лето ги ангажираа Кајри Ирвинг и Кевин Дурент и се меѓу кандидатите за шампионскиот прстен во претстојната сезона во НБА лигата.