Откако се договорија со Ѓорѓи Кочов да остане на кормилото на МЗТ Скопје Аеродом, од македонскиот првак потврдија дека Дамјан Стојановски останува во нивниот тим како прв носител на играта.

Промените кои се во најава нема да влијаат по одлуката на македонскиот репрезентативец во најмала рака да го одработи договорот до крај кој го потпиша минатото лето а има важност на уште една година, односно до крајот на новата натпреварувачка сезона.

„Одличниот бек шутер е дел од сино-белата чета уште од 2012 година, освојувајќи пет шампионски титули и шест пехари во Купот на Македонија, со напомена дека не беше дел од клубот само во сезоната 2016/17, која ја пропушти во целост поради тешката повреда претрпена во дресот на македонската репрезентација. Стојановски беше најкорисен играч на финалето од плејофот минатата сезона, признание кое го освои и двапати претходно (2014 и 2016 година). Професионалната кариера ја почна во Вардар во 2005 година, има играно уште и за охридски АМАК-СП и за бугарски Лукоил Академик.“ – соопштија од МЗТ Скопје Аеродом.

„Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром минатата сезона во АБА2-лигата на 27 средби имаше просек од 8,9 поени и 3,4 скока како втор најдобар тројкаш (45/117) и најдобар изведувач на слободни фрлања (36/41) додека во домашното првенство на 34 натпревари просечно реализираше по 12,5 поени и 5,4 скока со најмногу постигнати тројки (64) и како втор најдобар во тимот според бројот на украдени топки (1,5 по меч).“ – стои во соопштението на македонскиот шампион.

МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона повторно ќе биде дел од АБА 2 лигата.