Машката кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години со пораз од Белгија со 95-56 го отвори Европското првенство Б дивизија кое се започна во Португалија.

Победникот беше познат уште во првата четвртина, кога на Белгијците им требаа само нецели седум минути да дојдат до двоцифрена предност од 18-7 со која најавија лесно освојување на бодовите.

Во продолжението на мечот разликата само се зголемуваше за конечни 95-56. Најефикасен во нашиот табор беше Павле Михајлоски со 17 поени, додека кај Белгијците најдобар поединец беше Харис Братановиќ со 16 уфрлени поени.

Во второто коло кое е на програмата утре избраниците на селекторот Дарко Радуловиќ ќе се сретнат со домаќинот Португалија.