Македонскиот кошаркарски првак потврди дека ја раскинал соработката ос Американецот, Џабари Хиндс. Неспортското однесување и омаловажување на клубот и на македонската кошарка се дел од причините поради кои Хиндс добил шут карта од Аедродром.

„Плејмејкерот добро ја почна сезоната, но потоа од натпревар во натпревар играше сѐ полошо, за во последниот период да почне да се однесува онака како што не му доликува на еден професионалец. Трпението кулминира со неговото отворено потценување на домашното првенство и гласното негодување секогаш кога требаше да понесе настапи на мечевите од Првата лига. Згора на тоа, Хиндс на последните пет средби на домашна сцена постигна вкупно 20 поени или четири поени во просек, што е само доказ за неговото незалагање на овие натпревари. МЗТ Скопје Аеродром никогаш нема да дозволи индивидуалец да биде пред доброто на целата екипа, особено не кога кога тој не го цени значењето на сино-белиот дрес, во кој многу далеку подобри кошаркари пред него пролеале тони пот и го оставиле срцето на терен. Поради сето ова, заедно со повеќекратното излегување во ноќен провод на ден пред средбите, управата на клубот во договор со стручниот штаб реши да ја прекине соработката со американскиот интернационалец.“ – соопштија од МЗТ Скопје Аедродром.

Македонскиот првак е во потрага по соодветна замена за Хиндс но засега нема повеќе детали околу следното засилување на ростерот на Ѓорѓи Кочов.