Вечерва во Киев, македонската сениорска репрезентација ќе го игра вториот натпревар од квалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.

Двете селекции го дочекуваат вечерашниот меч во „Палатата на спортовите“ во Киев (18 часот)  со стартни порази во квалификациите.

Ние загубивме на домашен терен од актуелниот бранител на светската круна, селекцијата на Шпанија (65:94), Украина пак загуби на гостувањето во Тбилиси, каде Грузија беше подобра (88:83).

Џејкоб Вајли беше стандардно добар и на првиот во Скопје. За нецели 16.минути собра десет поени и пет скока, и уште еднаш потврди дека е едeн од носителите на играта на нашата селекција.

Кои се неговите очекувања во пресрет на вечерашниот дуел во Киев.

„Што може да се очекува од овој натпревар? Украина има доста добар тим, и сигурно е дека не очекува еден тежок меч. Ова е уште еден предизвик за нашиот млад тим, да покаже дека навистина може да игра против вака силни репрезентации, како на пример, шпанската. Она што се очекува од нас е да се бориме за секоја топка, за секој посед, сите да ја дадеме енергијата на теренот, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа. Мора да го имаме оној натпреварувачки дух потребен за вакви натпревари во кои се бориме за пласман на Светскиот Куп“– смета силното крило на нашата најдобра селекција пред дуелот со Украина.

Во вториот меч од оваа група, од 20.30 часот, во Хуен, Шпанија ја пречекува селекцијата на Шпанија. Една од нив ќе го заврши ноемврискиот ФИБА „прозорец“ со максимален ефект.