Младиот кошаркарски репрезентативец, Виктор Ефремовски и во Талин ќе чека нова шанса да ги одигра првите официјални минути како сениорски репрезентативец на Македонија.

Беше дел од најдобрата селекција и во февруари, а и сега во Талин е во оние 12 кои ги одбра селекторот Александар Тодоров.

Младиот бек-шутер на Работнички вели дека е подготвен за она што со себе го носи овој ноемвриски „прозорец“ на ФИБА.

„Ние сме веќе навлезени во натпреварувачки ритам. Зад мене имам седум натпревари, три во македонското првенство и уште четири во АБА2 лигата. Од таа гледна точка можам да кажам дека сум подготвен за тоа што следува во наредните неколку дена“ – изјави за сајтот на федерацијата Ефремовски.

Мал хендикеп, според Ефремовски. е краткиот временски период за максимално воигрување.

„За жал поради ситуацијата со коронавирусот тренинзите во Скопје не ги одработивме со комплетниот ростер. Дури овде, во Талин,  имаме можност да го формираме тимот и да тренираме сите заедно, односно со капитенот Стојановски и новиот соиграч Џејкоб Вајли. Времето е многу кратко, а ни следуваат тешки натпревари на кои ќе мора да дадеме сè од себе за победа“- додава Ефремовски.

Во рок од три дена, од 28. до 30.ноември, нè очекуваат средби со селекциите на Италија и на Естонија, ладиот репрезентативец има една желба.

 „Првиот противник со кој што ќе се соочиме на овој турнир е Италија, а потоа следува натпреварот со Естонија. Лично посакувам да направиме позитивен резултат. И на двата натпревари да излеземе како победници. Имам огромна желба за игра. И очекувам шанса, да излезам на терен и да го оправдам повикот во дресот со националните обележја“- посакува одличниот шутер во нашата сениорска репрезентација.