Чешката селекција на мечот со Бразил влезе како огромен аутсајдер, но во текот на сите 40 минти одиграа неверојатно добро  и го посрамотја големиот противник со 93-71, со што буквално направија хаос во групата К во која се уште и САД и Грција, а во која сега буквално е сѐ можно.

Селекцијата на Чешка везеше на паркетот, па на моменти потсетија на магичните партии кои на Мундобаскетот ги прикажуваат нивните колеги од Србија. „Кариоките“ во натпреварот влегоа помалку самобендисано, мислејќи дека фактот што ги победија Грците во првата фаза ќе делува застрашувачки кај противникот. Но, Томаш Саторански и соиграчите беа маестрални и веќе пред крајот на првото полувреме дојдоа до плус 15 (45-30) со што речиси го обезбедија триумфот. Вториот дел Чесите го задржаа тоа ниво на игра и стигнаа до огромна победа со која ги задржуваат шансите за четврфинале.

Саторански со 20 поени, седум скока и девет асистенции беше убедливо најдобриот поединец на теренот, додека голема помош имаше од Балвин со 15 поени и 11 скока и Ауда со 14 поени. Витор Бените со 12 поени беше најпрецизен кај „кариоките“.