Андреј Јакимовски и Марко Миловановиќ се најмладите во изборот на селекторот Александар Тодоров за овој февруарски квалификациски циклус. Италијанската „конекција“ во македонскиот национален тим, се чини дека беше тоа што му треба, спој меѓу искуството и младоста, што треба да го поседува секоја модерна селекција.

„Од овие кошаркари можам само да учам, меѓу нив има и такви кои го направија најголемиот резултат во репрезентативната историја на кошаркарска Македонија. Верувајте, дури и да не се најдам во конечните 12 за дуелите со Естонија и со Русија, нема да бидам разочаран. Напротив, горд сум што воопшто имам шанса да тренирам со нив. Повикот во репрезентацијата за мене е огромна чест, но и обврска. Се надевам дека го оправдам. За тоа, секако, ќе треба да каже селекторот“, вели Марко Миловановиќ.

Слично размислува и младиот Андреј Јакимовски.

„Пред три години сето ова беше само детска желба и ми изгледаше многу далечна, но не и недостижна. Што да кажам, ова е остварување на мојот сон, укажана доверба, чест и голема одговорност, но и можност да ја оправдам довербата. Сега ја имам привилегијата да бидам меѓу најдобрите. Дали очекував да бидам во ова друштво? Може да кажам дека се надевав. Затоа и работам многу на моја постојана надградба. Сметам дека сите оние признанија се виза за мојот влез меѓу сениорите“.