Екипата на Гостивар стигна до нова победа во Првата македонска кошаркарска лига, а овој пат подобри беа од  МЗТ Скопје Уни Банка со 76-106.

Младите надежи на МЗТ не претставуваа преголем проблем за гостиварчани кои доминираа од почеток до крај и стигнаа до нова победа со која се задржаа на првото место на табелата.

Дека ќе се оди на убедлив триумф, избраниците на Марјан Србиновски дадоа до знаење по само десет минути игра, по кои стекнаа десет поени предност 19-29. Вториот тим на МЗТ беше рамо до рамо со ривалот седум минути, а потоа Џелетовиќ и Штерјов влегоа во ритам, па потпомогнати од искусниот Тасовски ја изградија разликата.
Кај гостите најистакнат поединец беше Џелетовиќ со 31 поен, го следеше Димитриевски со 24, а Вучковиќ заврши со 17 поени, додека кај МЗТ, капитенот Митевски постигна 20 поени, Тодоровски заврши со 19.