Капитенот на нашата јуниорска репрезентација, Дарио Митевски ќе остане во редовите на МЗТ Скопје Аеродром. Ова го потврдија денеска од екипата од Аеродром.

„Станува збор за еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов, кој летово беше меѓу најзаслужните што жолто-црвените јуниори го освоија четвртото место на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Орадеа (Романија). Митевски минатата сезона беше предводник на две шампионски генерации, поточно на младинскиот тим кој заврши како првопласиран во Втората лига, како и на јуниорскиот состав кој беше најдобар во М-18 лигата во организација на Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ).“ – соопштија од МЗТ Скопје Аеродром.

„Подолгорочниот договор со талентираниот Дарио е само уште една потврда на заложбите на МЗТ Скопје Аеродром за давање шанса на најдобрите млади кошаркари во државата, за што и беше донесена одлуката нашиот младински тим да игра во Првата лига следната сезона. Само со промоција на млади играчи како Митевски може да се надеваме на развој не само на нашиот клуб туку и на целата македонска кошарка во целост.“ – објаснуваат од МЗТ Скопје Аеродром.

Митевски потекнува од школата на МЗТ Скопје Аеродром а во следните неколку сезони се очекува тој да добие и посериозна шанса во првиот тим на „Металците.“