Спортскиот директор на КФСМ, Тодор Гечевски на денешната пресконференција за завршницата од Купот на Македонија – Благоја Георгиевски Буштур, објасни со каков мотив е направена измената на името на натпреварувањето.

„Периодот што измина беше еден тежок за кошарката во Македонија. Изгубивме доста видни личности кои придонесоа за развој на кошарката и она што сме ние денеска, и кошаркари и кошаркарски работници. Од сите имиња кои ги изгубивме, едно име се издвојува, тоа е името на големиот кошаркар, тренер, спортски работник и на крајот еден голем човек – Благоја Георгиевски Буштур. Ние како раководство на федерацијата едногласно одлучивме дека неговото име треба да биде запишано во историјата, но и во иднината на македонската кошарка, па затоа се договоривме дека во иднина Купот на Македонија ќе го носи неговото име. Наша чест и обврска е да се запамети неговото име, да остане во сеќавањата на сите, да остане како пример на сегашните работници и да остане на едни идни генерации кои следејќи го неговиот пример ќе направат се за да македонската кошарка биде се поголема и поквалитетна.“ – објасни Гечевски.

Во Купот нема фаворити, беше ставот на сите учесници во четвртфиналето, желби за успешен настап имаше и од Гечевски.

„Се надевам дека сите присутни овде се надеваат на добра игра, на победи и на крајот на краиштата ние како федерација се надеваме на добра кошарка и дека најдобриот ќе го однесе пехарот дома. На сите присутни им посакувам среќа и ферплеј се да заврши како што треба.“ – заврши Спортскиот Директор.

Во СРЦ Кале денес беше присутен и Борјан Георгиевски, синот на легендарниот Буштур.