На вториот натпревар во „балонот“ на Златибор, битолчaни покажаа карактер, совладана е убедливо екипата на Сутјеска со 93:73.

Еден „нов“ Пелистер се појави во салата во ова туристичко српско место каде во изминатите пет дена се играше првиот од петте планирани т.н. „балони“ против вториот претставник од Црна Гора.

Марјан Илиевски одлично од клупата командуваше со Пелистер во првата победа на битолчани во деби настапот во АБА 2 лигата, а не го криеше задоволството по крајот на мечот.

„Извлековме поука од првиот меч и убедливниот пораз од Ловќен. Направивме пресврт за кус рок и не дозволивме да не разочара првиот неуспех. Ова не е само победа на Пелистер, туку и за кошаркарска Битола, бидејќи ова е прв наш меѓународен настап во Лига кој е многу квалитетна и силна. По оваа победа сигурно ќе ни биде полесно да продолжиме понатаму во АБА 2 лигата. Очекувам во продолжението уште многу добри настапи и успеси“, изјави Илиевски.