Оваа сезона Виктор Исајлоски направи сериозен исчекор кон она што се вика „сериозна кошарка“. Односно запиша доста солидна бројка на настапи и во прволигашка конкуренција.

Како играч на МЗТ Скопје Уни Банка, ја оправда довербата на стручниот тим на „металците“, да проба, да види и да одговори на барањата кои со себе ги носи ова повисоко ниво на натпреварување од она младинското.

Доби и најголем број на минути од тренерот Горан Крстевски, скоро 32 по натпревар. Беше еден од оние кои на 17. средби во Првата лига имаа(т) двоцифрен просек на реализирани поени, по 11.3 по натпревар. Беше и еден од најдобрите скокачи (просек по 4.3 по меч), и најдобар според бројот на освоени топки (по 1.7 по натпревар).

Иако тимски и не помина според посакуваното (неговата екипа остана без победа во регуларниот дел), сепак сите овие бројки го тераат да размислува позитивно, дури и во време на прекин на сезоната.

Деновите ги користам така што тренирам и вежбам. По два пати во текот на денот, односно секое сабајле и навечер, во малку изменети, домашни услови, се разбира, за мене чувството беше одлично. Затоа што, пред сè, играв против доста искусни играчи. И затоа што со секој нов ден, секоја минута помината во игра, станував подобар и подобар, гледајќи ги и играјќи против нив“- вели Виктор за сајтот на кошаркарската федерација.