Репрезентативката Јелена Антиќ веќе подолго време ја нема на терен, таа се рехабилитира, но наоѓа време и за други активности кои не се поврзани со кошарката.

Антиќ е голем борец, за неа не постои зборот предавање. Напротив, нашата најдобра кошаркарка во изминатата деценија нема намера тука да застане, напротив…

Паралелно со „санацијата на штетата“ која ја предизвика повредата на лигаментите на коленото, Антиќ работи и на други кошаркарски теми. А она слободно време кое, како што вели, досега го немала во толкаво количество, се труди да го искористи максимално во оние обиди за реализација и на некои други кошаркарски планови.

„За мене лично, немаше многу големи промени, од причина што оваа година мене ми беше фокусирана на враќање на терен во полна снага.  ‘Замрзнатиот’ спорт, и дефинитивно има лошо влијание над нас спортистите, но и сите љубители на спортот. Сите сме во исчекување и се надеваме дека спортот и натпреварувањата ќе бидат активирани наскоро затоа што животот без спорт е мошне здодевен. Исто така се надевам дека спортот нема да претрпи големи последици поради финансиската криза низ целиот свет“– вели Антиќ по еден успешно одработен рехабилитациски тренинг со кој треба да бидат зајакнати лигаментите на повреденото колено.

Во меѓувреме Антиќ доби понуда од раководниот тим на КФСМ да работиш со млади кошаркарки.

„Една од моите пасии е тренерската работа. Верувам дека сум способна, но и сакам да го пренесам своето знаење на наредните генерации. Овој проект каде што ќе работам со млади кошаркарки, односно девојчиња до 12 години е одлична можност за развивање на веќе постоечкиот талент, како и надградување на истиот. Девојчињата ќе имаат можност да се сретнат со врснички од други земји, да шират познанства, да учат од тренери не само од Македонија, туку од цела Европа. Да учествуваат на различни турнири, и се надевам да ја засакаат кошарката уште повеќе и да ја почувствуваат убавината на овој спорт“ – изјави  Антиќ.

Истовремено е дел од проектот на ФИБА насловен како TIMEOUT 2.0.

„Проектот FIBA TIMEOUT 2.0 е проект кој фокусиран на едукација на спортисти надвор од теренот и нивна транзиција од спорт во бизнис кариера. Всушност, многу кошаркари и кошаркарки кои сеуште активно играат, се дел од овој проект. Тоа е само доказ колкава е заинтересираноста и успешноста на овој проект и многу сум среќна што сум дел од него. Се надевам дека ќе стекнам големо знаење и искуство кое понатака ќе ми послужат“ – вели Антиќ.