МЗТ Скопје пред два дена поднесе барање до КФСМ да им ги вратат средствата кои се уплатени за учество на клубот во сите натпреварувања кои се под „капата“ на КФСМ. Имено, „Штрковите“ бараат да им бидат вратени вкупно 1.058.420 денари.

МЗТ веднаш доби одговор од КФСМ на оваа реакција кои на чело со претседателот Перо Антиќ велат дека ова барање е неосновано во целост.

„Барањето е целосно конфузно и неосновано. Нејасно е по кој основ се бара враќање на уплатените парични средства. Сезоната во Првата лига е завршена, но не и поништена. И покрај тоа што нема да се доигра, клубовите според ранкингот ќе може да конкурираат за добивање ваучери од Агенцијата за млади и спорт. Доколку МЗТ се откаже од овие ваучери тогаш ова барање може да го сфатиме како сериозно“- изјави Антиќ во дел од соопшението.