Во спортскиот центар Кале, во Скопје , од петок до недела ќе бидат одиграни завршните натпревари од кошаркарскиот Купот на Македонија, од оваа сезона насловен Благоја Георгиевски – Буштур.

За петок за закажани натпреварите од четвртфиналето, таму во воведниот термин од 12 часот ќе играат Пелистер и ФМП Академија.

Од 14:30 Работнички ќе истрча против ТФТ.

„Позади нас е една тешка година, со многу падови и проблеми. Знаеме што значи, каква е болеста. Сите имавме повредени и болни играчи и само ние тренерите знаеме низ што минувавме. Меѓутоа најважно е што полека се придвижуваме кон крајот. На ред е Купот. За Работнички можам да кажам дека во последно време имавме густ распоред со многу натпревари, но сега се обидуваме да ги освежиме играчите и да се подготвиме најдобро што можеме. Работнички е име кое што те обврзува да ги освоиш и Купот и првенството. Знаеме какво натпреварување е Купот, знаеме со каков противник играме. Имаме скор 1-1 во двата последни натпревари. Нашата цел е да го поминеме првиот натпревар, мислите ни се насочени кон тоа, а потоа ќе размислуваме за следниот противник“ – изјави Димитар Мираковски, тренер, Работнички

„Голема чест за нашиот клуб којшто има кратка спортска историја е да биде дел од завршницата од Купот во третата година од своето постоење. Воедно поздрав до КФСМ која во услови на пандемија најде начин сето ова да биде организирано. Видовме како тоа изгледаше претходниот викенд во женската завршница. Во секој случај не очекува спектакл во кој сите ние ќе можеме д уживаме. Противник ни е Работнички, а сите знаеме што значи името во нашата кошарка, пред се брендот што го носи со себе. Од друга страна ние сме екипа којашто можеби со исклучок на двајца играчи сите останати за првпат ќе бидат дел од завршниот турнир. Системот на натпреварување, густиот распоред во кој победникот на Купот треба да победува три дена по ред остава и простор за да може да се надеваме на нешто кое започнува со првиот натпревар. И двете екипи поради одредени повреди на играчите се потпираат на учинокот на тие странските играчи во тимовите, но јас тука ја гледам нашата шанса да тие двајца македонски домашни ирачи бидат клучот и ќе може да се надеваме на некој позитивен исход. Сигурно ќе дадеме се од себе да го претставиме што подобро нашиот клуб“ – изјави Боро Смилковски, тренер, ТФТ

Од 17 часот е предвиден натпреварот Еуро Никел 2005 против Гостивар.

„Ја поздравувам идејата и одлуката овој Куп да прерасне во традиција со ликот на Благоја Георгиевски Буштур. Директорот кажа дека е чест да се носи тоа име, но претставува и обврска за сите нас да прикажеме добра игра. Се работи за специфично натпреварување. Тука предност ќе дадам на оние екипи кои имаат поширока клупа и на оние кои имаат македонски играчи во своите состави. Ги издвојувам МЗТ со шест репрезентативци, но не сакам да ги исклучам и играчите на Гостивар кои се поранешни репрезентативци кои верувам дека не го кажале последниот збор. Нормално се подготвуваме за Еуро Никел, немавме многу време за тоа од одигрување на последниот важен натпревар кој одлучуваше распоред на табела, но што е тука е. Мислиме дека, веруваме дека, можеме да направиме добар резултат, добра игра и секако пехар. Ќе биде тешко, но Гостивар во оваа сезона победи кој било противник така што со право веруваме дека можеме да го кренеме пехарот во недела“ – изјави Александар Јончевски, тренер, Гостивар

„Околу натпреварот против Еуро Никел, имавме веќе две победи против нив во регуларниот дел, но искуствата во Купот велат нешто друго. Посветуваме повеќе време на детали овој период, детали кои ќе ни бидат важни на натпреварот. Се надевам на добра игра, да гидочекаме и сабота  и недела.“ – изјави Александар Костоски, капитен, Гостивар

Во вечерниот термин од 19:30 ќе играат МЗТ Скопје Аеродром и Куманово.


„Во однос на натпреварот во четвртфиналето, нашиот фокус во моментов е само Куманово. Видовме пред само една седмица дека станува збор за исклучително енергична екипа која може да се натпреварува на секое ниво со секој противник. Ни покажаа и на нас во нашата сала, видовме дека се квалитетни и нашиот фокус е на нив. МЗТ како екипа и како ростер секогаш ќе настојува да атакува на титула, но мораме да одиме чекор по чекор. Се надевам на успех во тој натпревар, а потоа и на успешна подготовка за секој нареден. Искрено верувам во квалитетот на нашите играчи кои изинатиот период покажаа едно високо ниво на квалитет на теренот, со агресивност, работа и брзина. Имаме шест репрезентативци, имаме квалитетни странски играчи и сметам дека со право носиме една од фаворитските улоги – и како задоволство и како товар. Носиме обврска да ги напаѓаме пехарите и се надевам дека пехарот ќе го крене екипа со дрес во сино-бела комбинација“ – изјавиДарко Радуловиќ, тренер, МЗТ Скопје Аеродром

„Куманово имаше напорна сезона со оглед на тоа дека се натпреварувавме и во Балканската лига. Пред почетокот на Купот, како што кажа и Даре, се подготвуваме само за МЗТ. Очекуваме добра игра, претходните два натпревари во сезоната ги добивме со 1-1. Ќе се сложам дека пехарот ќе го крене екипа со сино-бела комбинација. Ќе ветам добра игра од наша страна и нека победи подобриот “ – изјави Дарко Петковски, помошен тренер, Куманово 2009