По повод големата трагедија што се случи во скопската населба Ново Лисиче, во кој животот го загуби младиот кошаркар на МЗТ Скопје, Никола Христовски, кошаркатскиот клуб Работнички од Скопје изрази длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите за големата загуба и трагичната смрт.

,,Ужасната вест силно ја погоди и спортската јавност, затоа што згаснувањето на животот на млад кошаркар е загуба за сите кошаркарски, па и спортски клубови, воопшто. Наместо една кошаркарска надеж со својот талент да ги одмерува силите на паркетот со своите врсници на кој сите ќе се радуваме и уживаме, ни остануваат, за жал, само сеќавањата и спомените од дуелите на Никола носејќи го дресот на својот клуб.

Згаснувањето на млад човечки живот значи огромна загуба не само за семејството, туку и за цело едно општество, за целиот свет. Грижата за младите треба да биде приоритет за сите, почнувајќи од домот, преку образовниот процес, спортските клубови и севкупно целата држава. Затоа сите заедно да не дозволиме никогаш повеќе да се случуваат вакви трагедии, да не згаснуваат млади животи. Спортските терени нека бидат арените за одмерување на силите на младите“- се вели во соопштението со сочувство од Кошаркарскиот клуб Работнички.

Да подсетиме младиот средношколец Никола Христовски, ученик во гимназијата ,,Раде Јовчевски Корчагин“, беше прободен со нож од 18 годишно момче, по претходна расправија меѓу две групи момчиња во скопската населба Ново Лисиче.

(Фотографијата е преземена од ФБ страницата на Светски македонски конгрес).