Плејмејкерот на Олимпијакос, Василис Спанулис, еден од најдобрите грчки кошаркари во историјата, но и еден од најдобрите европски организатори на играта, одлучи да стави крај на својата кариера. По 11 години поминати во Олимпијакос, Спанулис одлучи дека е време да се пензионира еден месец пред неговиот 39-ти роденден.

Својата професионална кариера ја започна во Гимнастикос, а потоа помина четири сезони во Маруси пред да замине за Панатинаикос. Тој остана во Атина една година, за да ја помине следната сезона во Хјустон Рокетс. Потоа се врати во Панатинаикос, каде ги мина следните три сезони, за да предизвика земјотрес во Грција во 2010 година, кога реши да се приклучи во редовите на својот лут ривал Олимпијакос.

Спанулис ја освои Евролигата трипати, а еднаш беше МВП на натпреварувањето и трипати МВП на фајнл-фор. Тој беше шампион на Грција седум пати, а четири пати го освојуваше Купот на Грција. Тој беше европски шампион со грчката репрезентација во 2005 година во Белград, а ја освои бронзата во Полска во 2009 година. Тој освои сребрен медал на СП 2006 во Јапонија.