Македонскиот репрезентативец, Бојан Крстевски во рамки на противниците за претквалификациите од вториот круг за Мундијалот во 2023. година, посочи дека има голема надеж кога станува збор за првата позиција во групата „Ф“, со оглед на изминатите резултати.

Имено, Крстевски се осврна на старо-новите ривали, кои сега ќе бидат дел од овој круг во претквалификациите, поконкретно се осврна на претходните дуели против Швајцарија и Словачка.

Нашиот репрезентативец вели дека Македонија има сила за пласман и во овој круг.

„Швајцарија и Словачка ни се добро познати противници. Игравме со нив во еден циклус и остваривме три победи и еден пораз и го освоивме првото место. Очекувам да ги повториме тие резултати и повторно да завршиме како првопласирани што воопшто не значи дека ќе биде лесно“, истакна нашето репрезентативно крило.

Но Крстевски не се залажува со резултатите во минатото. Напротив повикува на внимателност за дуелите кои ќе се играат во август.

„Швајцарија може да биде многу незгодна, ја изненади Србија во претходните квалификации. Исто така Словачка има искусни и квалитетни играчи. И затоа не можеме да спиеме на тоа уво дека ќе успееме само поради добрите резултати во поранешните дуели“, додаде Крстевски.

 

 

Апострофира уште еден и тоа како важен момент, отсуството на капитенот Војдан Стојановски.

„Голем хендикеп за нас ќе биде отсуството на капитенот Војдан Стојановски. Но имаме многу млади кошаркари кои сигурен сум дека ќе ја искористат шансата и ќе се истакнат во овие претквалификации“, заклучи македонскиот репрезентативец.