Последните три изданија на Купот (2017, 2018 и 2019 година) завршија со женскиот кошаркарски клуб Вардар на тронот.  Клубот од Скопје успеа да го турне градскиот ривал Бадел 1862 од престолот и планира да се задржи уште многу години.

Противник на „вардарки“ во рамки на полуфиналниот дуел од Куп 2021 „Благоја Георгиевски Буштур“ ќе бидат кошаркарките од Баскет Кам 2011 за кои оваа е прва натпреварувачка сезона.

Јелена Антиќ, тренер Вардар

„Прво сакам да им честитам на сите екипи што постигнаа ваков резултат во оваа специфична сезона. Јас сум нов тренер во кошаркарскиот клуб Вардар и во релативно кратко време можам да кажам дека постигнавме една многу добра игра. Девојките се залагаат максимално и во последниот месец покажаа многу добра игра што ме радува. На првиот натпревар против Баскет Кам можам да кажам дека можеби имаат повеќе искуство на нивна страна со новите засилување, но од друга страна важно е да се знае дека не секогаш искуството победува. Мислам дека екипите што ќе покажат најмногу срце и залагање на теренот ќе победат. Им посакувам многу среќа на сите екипи и се надевам дека нашиот клуб ќе влезе во финалето и ќе го освои Купот.“

Симона Деловска, капитен Вардар

„Сакам да им честитам на сите екипи што стигнаа до завршниот турнир. Се надевам дека тоа што секоја екипа има нови засилувања дека ќе го извлече максимумот од натпреварите. Дека сите ќе покажат добра игра и дека ќе има добри и интересни натпревари за тие што ќе ги гледаат. Вардар како клуб ќе се обиде да даде се од себе и се разбира да го оправдаме тоа што сме освојувачи на Купот неколку години по ред. Се надевам, пред се, дека натпреварот од полуфиналето ќе биде интересен и секако се надевам на пласман во финале“

Јордан Цветановски, тренер Баскет Кам 2011

„Со самото учество на овој турнир ние ја постигнавме својата цел и им овозможивме на нашите играчи  да го покажат својот квалитет во битка со најдобрите екипи од државата. Нашата екипа е подготвена и со вистински пристап кон играта и со квалитетот кој што го поседуваме, очекуваме добри резултати“

Катерина Поп Димитровска, капитен Баскет Кам 2011

„Честитки до четири екипи, а и огромна благодарност до федерацијата што и во вакви тешки услови ќе го организира Купот, а со тоа и нивото на женската кошарка во државата. Сите екипи заслужено се тука, верувам дека ние сме една од поквалитетните екипи и дека со труд и желба ќе го освоиме пехарот. Силно сме мотивирани и ќе го дадеме својот максимум во извојување на победите и со тоа да ги израдуваме нашите навивачи“

Четирити екипи ќе си ги одмерат силите во полуфиналните дуели, закажани за претстојниот петок (7. мај), а победниците од овие дуели ќе се пресметаат и ден подоцна во рамки на финалниот дуел. Сите натпревари ќе бидат одиграни во СРЦ „Кале“ (голема сала).

Двојки:
(1) Бадел 1862 – (4) Крива Паланка
(2) Баскет КАМ – (3) Вардар