Мајк Браун е првиот асистент на Стив Кер во Голден Стејт Вориорс, а престојното лето  ќе ја предводи кошаркарската репрезентација на Нигерија на престојните Олимписки игри во Токио.

Тоа на својот Твитер профил го соопшти една од најдобрите африкански кошаркарски селекции, која во Јапонија ќе учествува трет пат едноподруго на најголемиот спортски собир.

Нигеријците не беа задоволни со настапот на последното Светско првенство, на кое со неколку НБА играчи не успеаа да ја пројдат групната фаза на Мундијалот. По освојувањето на 17. место на првенството во Кина, беа одлучни во намерата да најдат еминентно име на селекторската функција, а изборот падна на Мајк Браун.

„Возбуден сум, зошто сфатив дека челниците на федерацијата сакаат да ги дадат сите потребни ресурси за натпреварување на највисоко ниво. Нивната посветеност ќе им овозможи на играчите и на тренерите енергијата да ја насочат кон тренинзите и натпреварите. Сакам Нигерија да биде горда на своите кошаркари“ – изјави новиот селектор на Нигерија.

Браун средно училиште заврши во германскиот Вирцбург, а години подоцна го водеше Кливленд, во текот на првите сезони на Леброн Џејмс во НБА. Беше најдобар тренер во НБА за 2009. година, своевремено имаше епизода во Лејкерс, а од 2016. е помошник на Стив Кер во Голден Стејт.