Поради пандемијата од Ковид-19, кошаркарката како и останатите спортови во Македонија остана замрзнати.

Со свој совет во однос на побрзо пребродување на кризата и кам-бек на спортот во интервју за сајтот на КФСМ, нашиот младински репрезентативец и член на Вардар, Марин Петков го сподели неговото мислење. Интервјуто ви го пренесуваме во целост:

Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?

„Овој период е тежок за сите, а можеби најголем предизвик е за младите спортисти кои мораа да најдат начин за да ја насочат својата енергија. Јас целиот овој период добивав вежби од мојот фитнес тренер Сашо Пецев и вежбав секој ден во неделата. Се со една цел, да можам што повеќе да се одржувам во форма“– појаснува бекот на „црвено-црните“.

Оваа сезона заврши, беше прекината поради „виша сила“. Беше лимитирана на само неколку месеци, во кои се играше „нормална кошарка“?

„Никој не можеше да предвиди дека сето ова ќе се случува во светот. Не можам да кажам дека сум задоволен. Пред сè, поради сите лимитации во сите сфери па и во спортот. Тоа што можам јас да го направам е да го вложам мојот максимум, да тренирам дома и на маалските кошеви и со радост да го чекам денот кога ќе почнеме со групен тренинг“.

А поради пандемијата нема да го играте Европското Првенство во „вашата“ возрасна категорија?

„Жално е што заради пандемијата ќе го пропуштиме Европското првенство. Апелирам до сите да ги почитуваме мерките, да се штитиме за да може што поскоро да се вратиме во нормала, да можеме да тренираме и да се натпреваруваме“.

Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?

„Моите идни планови се поврзани со отворените можности каде ќе можам комплетно да се вложам. Но и да се здобијам со нови вештини, тактики и знаења, да напредувам максимало во периодот што претстои“– планира Петков.