Марко Величковски беше дел од онаа селекција на Македонија на играчи родени 2002 година која пред две години стигна до историски резултат, пласман во „А“ Дивизијата. Минатото лето повредата го одалечи од националниот тим „Под 18“ години, кој учествуваше на ЕП од Дивизијата „Б“.

Но затоа пак оваа сезона, Марко Величковски ќе ја памети по тоа дека за прв пат во кариерата почувствува како е да се игра прволигашка кошарка. Го направи тоа како играч на МЗТ Скопје Уни Банка.

Неговите намери се искрени, но и многу јасни, враќање во дресот на националниот тим, макар што пандемијата со коронавирусот не „дозволи“ ова лето да има и нов настап на едно големо натпреварување.

„За сите нас спортисти ова е тешка ситуација. Но ние во нашата спортска кариера научени сме брзо и лесно да се прилагодуваме во новонастаната ситуација. Од самиот ден кога кошарката прекина, направив секојдневен план и програма за одржување на мојата форма. Најчесто денот го започнувам во мојот двор земајќи го баскетот и вежбам на мојата техника(ball – handling). Потоа работам на моите физички способности правејќи вежби од типот на планкови,склекови,згибови скокови на јаже… Со олабавување на мерките, понекогаш, кога бев во можност денот го завршував со шутерски тренинг на кош, на отворено игралиште. И покрај мојата организација, едвај чекам сè да се врати по старо да тренираме во кошаркарска сала за да можеме максимално да се подготвиме за следната сезона. Сепак, кошарката е колективен спорт ни недостасува спортскиот тимски дух, комуникација и  дружење“– појаснува младиот кошаркар.