Со неполни 18 години, Андреј Андоновски е прволигашки кошаркарски играч, иако имаше понуди, како добар дел од своите репрезентативни соиграчи од генерацијата 2002, да замине и да заигра во некоја земја надвор од Македонија, високото крило се одлучи за онаа „домашна варијанта“.

„Оваа сезона ми е прва во Првата сениорска лига на Македонија како член на вториот тим на МЗТ Скопје. Уште во претходната сезона, како дел од КК Феникс 2010 почувствував како е да се натпреварува со сениори во Втората лига на Македонија. Така што на стартот на оваа сезона веќе имав претстава што можам да очекувам од себеси. Со оглед на тоа што настапувам за МЗТ Скопје  Уни-Банка, тим кој е составен од млади играчи, очекував тешка сезона која ќе биде исполнета со многу порази. Првата македонска лига е доста компетитивна и во неа учествуваат искусни екипи со квалитетни играчи. Но сепак филозофијата на тимот беше јасна уште на самиот старт, секој од нас играчите треба да го почувствува оној жар и интензитетот на сениорската кошарка. Иако не успеавме да оствариме ниту една победа, сепак на неколку натпревари бевме блиску до неа. Секако во клучните моменти на овие неизвесни натпревари пресуди искуството и стрпливоста на значително поискусните противнички играчи. На индивидуално ниво мислам дека доста напредував. Исто така многу очигледен беше и напредокот на целата екипа. Но, сезоната заврши и ние немавме можност овој наш напредок да го наградиме и со наша прва победа“ – вели младиот кошаркар, некогаш дел од екипата на Феникс 2010.

Младиот Андоновски не е среќен што се одложува Европско првенство „Б“ дивизија до 18 години, се надева дека наскоро ќе го облече и дресот на сениорската репрезентација.

„Европското првенство „Б“ дивизија до 18 години беше настанот за кој се спремав цела натпреварувачка сезона. Со оглед на фактот што со оваа генерација, пред две години, го освоивме третото место на Европското првенство „Б“ дивизија до 16 години во Сараево, мислам дека оваа моја еуфорија е многу нормална и очекувана. Сепак околностите се такви какви што се, и се надевам дека шансата на оваа генерација за остварување на нов успех ќе биде во блиска иднина. Како младински репрезентативец на Македонија од свои 14 години, мој најголем сон од секогаш бил да сум дел од сениорскиот тим на репрезентацијата на Македонија. Доколку во блиска иднина добијам повик за учество во репрезентацијата, тоа ќе биде само потврда на моето секојдневно работење и усовршување. Сепак сеуште сум доста приземен во врска со ова прашање, и се трудам што помалку да размислувам на оваа тема. Но, доколку некогаш ја добијам честа да ги бранам националните бои во сениорска конкуренција, сигурен сум дека ќе го оставам срцето на терен како и до сега“ – изјави Андоновски.