Македонскиот кошаркарски првак, МЗТ Скопје Аеродром го комплетираше ростерот пред почетокот на новата сезона во домашното првенство, каде во воведното коло го очекува дуелот со Пелистер.

Повремениот репрезентативец, Немања Милошевиќ (34 год, 204 см) е последната странска аквизивија за „Металците“ кои влегуваат со високи амбиции во новата натпреварувачка година.

„Станува збор за ептен искусен крилен центар, кој летово тренираше со тимот на Будуќност, но на крајот не се најде меѓу кошаркарите кои влегоа во првиот тим на црногорскиот шампион. Негов последен клуб е Студентски центар, новиот член на АБА-лигата исто така од Подгорица, а претходно во кариерата има играно за Морнар, Јамбол, Бургас, Бриндиси, Орлеанс, Орадеа, Лукоил и Солнок. Зад себе има две шампионски титули во Црна Гора и една во Бугарија. Милошевиќ ќе им се приклучи на хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ, како и на Американците Дастин Вер и Хуан Дејвис, кои од почетокот на подготвителниот период се дел од МЗТ Скопје.“ – соопштија од МЗТ Скопје Аеродром.

МЗТ Скопје Аеродром имаше успешен влез во сезоната откако во Суперкупот на Македонија во саботата славеше над Работнички со 79:78.