Македонскиот кошаркарски првак, вечерва во „Јане Сандански“ од 20 часот го дочекува составот на Динамик во натпревар од 20 коло во АБА 2 лигата.

Тренерот Ѓорѓи Кочов очекува максимално залагање од своите избраници, а воедно се надева и на голема поддршка од трибините од нашите верни навивачи и симпатизери.

„Нѐ очекува меч против талентиран и квалитетен противник, кого максимално го респектираме. ФИБА-прозорецот дојде во лош момент за нашата екипа, бидејќи поради фактот што имавме петмина репрезентативци две недели трениравме само со странските кошаркари. Но, сигурен сум во максималното залагање на сите во тимот. Пресметката со Динамик е исклучително значајна за нас, бидејќи со победа ќе направиме огромен исчекор кон плејофот, со што ќе ја оствариме примарната цел поставена пред почетокот на сезоната. Се надевам дека од трибините ќе имаме значајна поддршка во овој важен дуел“, изјави тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.

Против Динамик  екипата на МЗТ Скопје има позитивен скор, досега одиграа три меча и остварено две победи, првата на домашен терен во 2018 година како и последната во Белград одиграна лани во ноември.