МЗТ Скопје се пофали со ангажман на крилниот центар, Американецот Феми Олуџоби (23 год., 206 см), кој  кај тимот од Аеродром ќе остане до крајот на сезоната.

Олуџоби доаѓа од Литванија, каде што настапуваше за екипата на Лиеткабелис, во која извесен период беше соиграч со нашиот поранешен играч, Стефан Синовец.

За Олуџоби ова е прва сезона како професионалец, откако мина четири во американската НЦАА-лига настапувајќи за Оукленд, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол. Во последните две екипи настапи по една година и тоа со просек од 16,3 поени и 7,7 скока односно со 12,8 поени и 5,4 скока.

Новиот Американец ќе има доволно време за аклиматизација , МЗТ Скопје следниот натпревар го игра кон крајот на февруари, дома против Динамик.