Лесно и убедливо, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го совладаа Работнички (85-63) во вечерашното вечно дерби во „Јане Сандански“ во склоп на 5. коло од Суперлигата, со што направија огромен исчекор кон обезбедувањето на стартната позиција број еден пред плејофот.

Аеродромци сега имаат две победи повеќе во однос на најголемиот противник (22-20) и водство 2-1 во меѓусебните дуели и кош-разлика од плус 24 што е и тоа како голема предност во пресрет на последните пет меча од регуларниот дел од сезоната. Сино-белите најголем дел од работата завршија уште во првата четвртина, во која со серија 14-2 дојдоа до првата двоцифрена позитива (24-14), која потоа не ја испуштија од раце.

Иве Иванов беше најефикасен кај домашниот тим со 26 поени и десет скока, веднаш зад него со учинокот беше Предраг Самарџиски со 18 поени и 16 скока, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Лестер Медфорд со 15 и Марко Симоновски со 10 поени.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 22-3, Работнички 20-5, Гостивар 18-7, Блокотехна 18-7, Кожув 13-12, Куманово 11-14 (-1).