Македонскиот шампион денеска од 18 часот ќе му гостува на Динамик во Белград, ова е натпревар од 9 коло од АБА 2 лигата.

МЗТ Скопје запиша убедлива победа во вечното дерби со Работнички, сега „Металците“ посакуваат нов триумф и во регионалното натпреварување.

Тренерот Ѓорѓи Кочов повикува на внимателност, да не се повтори сценариото од лани и да се запише победа.

„Динамик има навистина талентиран и млад тим кој е физички на високо ниво. Поучени од минатата сезона се надевам на сосема поинаков епилог на крајот од средбата. Би биле среќни ако успееме да победиме во салата што го носи името на еден од најголемите тренери, Ранко Жеравица.“ – изјави предводникот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје има скор од шест победи и два порази по осум одиграни натпревари во АБА 2 додека Динамик има четири победи и четири порази.