Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, конечно најде замена за Нуни Омот и тоа во името на српскиот кошаркар со словенечки пасош, Бојан Радуловиќ.

Станува збор за центар со искуство од најсилната АБА-лига, во која настапуваше прво со Металац Ваљево, а потоа и две сезони со Унион Олимпија и во која одигра вкупно 45 натпревари. Тој во Аеродром доаѓа од словенечкиот прволигаш Тајфун од Шентјур, каде што на седум средби сезонава имаше просек од 9,4 поени и 6,9 скока.

Радуловиќ кариерата ја почнал во тимот на Спартак од родната Суботица, по што ги носеше дресовите на Копер Приморкса, Хелиос и Елктра Шоштањ.

Дебито на Радуловиќ се очекува в четврток против Широки во меч од 8. коло од АБА2-лигата, ако дотогаш се завршат сите процедури околу неговото лиценцирање во новиот клуб.