По примерот на ракометните клубови, МЗТ Скопје Аеродром официјално доби дозвола да ја пријави младинската екипа за учество во Првата сениорска кошаркарска лига. Ова попладнево го потврдија од управата на „металците“.

„Со овој чекор, управата на МЗТ Скопје Аеродром сака да им овозможи на нашите (нај)талентирани кошаркари да играат против најдобрите во државата и тоа во средина во која ќе ги имаат речиси истите услови како и првиот состав, а со минутажа каква што ретко кои нивни врсници би ја добиле во други средини.“ – соопштуваат од МЗТ Скопје Аеродром.

На кормилото на младиот тим на МЗТ Скопје останува Горан Крстевски а ќе му помага Синиша Аврамовски.

„Наша цел е овој младински тим да биде своевиден расадник за играчи, кои преку шансата да играат во Првата лига би го добиле потребното искуство за настап во највисок ранг уште во своите тинејџерски години. Секако, резултатскиот сегмент никако нема да биде запоставен, па опстанокот во елитата секако ќе биде примарна цел за нашиот подмладок кој сезонава ќе дебитира во прволигашка конкуренција.“ – велат од МЗТ Скопје Аеродром.

Минатата сезона, младинскиот тим на МЗТ Скопје ја освои титулата во второлигашката конкуренција.