Никола Христовски почина во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ откако бил нападнат и прободен со нож вчеравечер во скопската населба Ново Лисиче.

Поранешниот член на младинската школа на МЗТ Скопје Аеродром бил нападнат на улицата „Февруарски поход“ во општина Аеродром. Седумнаесет годишниот Христoвски бил прободен со нож од една година постаро момче. По нападот, Христовски бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но лекарите не успеале да му го спасат животот.

Од МЗТ Скопје Аеродром за Дриблинг.мк потврдија дека Христовски бил дел од јуниорската и кадетската конкуренција, но повеќе од шест месеци не тренирал во клубот од „Јане Сандански“.

„На 14.08.2019 во 00,35 часот во СВР-Скопје било пријавено дека на улицата „Февруарски поход“ започнала расправија од страна на неколку лица со А.Т. (18) кој бил во друштво со К.Д. (17), која продолжила и со физичка пресметка. Во еден момент А.Т. извадил нож и му нанел повреди на Н.Х. (17). Н.Х. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во комплексот клиники “Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, каде починал, а А.Т. е пронајден и приведен во полициска станица. Се работи на расчистување на случајот.“ – информираат од МВР.