Комеморацијата на Коби Брајант и неговата ќерка Џиана ќе биде оддржана на 24. февруари во „Стејплс Центар“, пишува Лос Анџелес Тајмс. Неименуван извор го откри местото и времето на комеморацијата, која ќе се случи на симболичен датум. Бројот 24 го носеше Брајант во дел од својата кариера, додека Џиана играше со број 2, па затоа е одбран месецот февруари.

Една од идеите беше комеморацијата да се оддржи на фудбалски стадион, за да дојдат што повеќе луѓе, но на крајот изборот падна на салата во која Коби Брајант испиша кошаркарска историја. „Стејпл Центар“ на Коби му беше втор дом каде тој помина цели 20 години од својата брилијантна кариера.

Навивачи од цела Америка, по хеликоптерската несреќа, доаѓаа пред легендарната сала, за да му оддадат почит на загинатиот Коби. Дресови од Коби, пораки и свеќи се наоѓаат пред „Стејплс Центар“ веќе со денови.

Се уште нема сигурни информации за точното време на комеморацијата, а медиумите пишуваат дека влезот во салата ќе биде строго ограничен.

Коби и Џиана Брајант настрадаа во хеликоптерска несреќа на 26. јануари кај Калабаса во Калифорнија, заедно со уште 7. патници.