НБА тимот на Сан Антонио Спарс објави дека на 11 декември оваа година на мечот против Мемфис ќе го повлечат дресот со бројот 9 на францускиот кошаркар Тони Паркер.

Паркер оваа лето ја заврши својата кариера, па ќе стане десеттиот играч на Сан Антонио чиј дрес ќе се повлече каде досега се повлечени дресовите на Тим Данкан, Ману Џинобили, Брус Бовен и Дејвид Робинсон.

Сите учествуваа во освојувањето на петте титули во НБА лигата, а само Данкан беше дел од сите шампионски екипи од 1999 до 2014 година.

Францускиот кошаркар во Сан Антонио стигна во 2001 година, избран како 28 пик на драфтот. Во поминатите 17 години во оваа екипа Паркер освои 4 титули шампион и беше избран за МВП во 2007 година.

Со Франција освои 4 медали на европските првенства, меѓу кои и златото во Словенија, во 2013 година.