Македонската кошаркарска репрзентација попладнево против Италија ги продолжува квалификациите за пласман на Европското првенство соочена со императив од победа за да остане во игра за пласман на завршницата по двата стартни порази.

Еден од најискусните во репрезентацијата Марко Симоновски најавува максимална ангажираност на теренот, напоменувајќи дека целта е позната , победи попладнево против Италија и триумф над домаќинот Естонија в понеделник.

„Кај нас нема место за калкулации, ниту имало, ниту пак ќе има. Играме во дресот со националниот грб. Тоа е обврска за сите нас да го дадеме својот максимум. Тоа нема да биде исклучок и овде во Талин. Без оглед на тоа дали играме со Италија или пак со Естонија. Не треба да се залажуваме дека Италија е слаба затоа што има некои нови играчи. Напротив, стартуваме како да играме против нивниот најсилен состав. Што ќе донесат тие 40.минути, ќе видиме“, изјави Симоновски за официјалниот сајт на КФМ.

„Црвено – жолтите“ пристигнаа во Талин ослабени и со видно изменет состав, но и ново „американско“ засилување во Џејкоб Вајли.

„Не е ништо ново ако се каже, или констатира дека овојпат ќе играме во некои доста специфични услови, во кои нема некој голем спортски аспект. Многу внимание мораше да посветиме на своето здравје, а дури потоа да размислуваме како и на кој начин ќе играме. Гледате и самите дека пандемијата ги диктира работите, ги креира играчките ростери. До последен момент не се знаеше на кои играчи може да се смета за оној официјален дел-натпреварите. Дојдовме во Талин со изменет состав во однос на оние февруарски натпревари во Скопје и во Перм. Недостасуваат некои играчи кои беа дел од тимот во минатиот циклус. Сега имаме нов соиграч, и уште неколку момчиња кои треба да се иднина на нашата кошарка. Многу сум пријатно изненадen што се најдоа со нас на тренинг, тоа сакам да го потенцирам“ , истакна Симоновски.