Нешто повеќе од една година не е меѓу нас, но спомените на него и неговите успеси како кошаркар, тренер и човек ќе останат засекогаш. Кошаркарската федерација на Македонија се погрижи Купот на Македонија да го носи неговото име, по примерот на некои други држави во опкружувањето.

Сето тоа му причинува задоволство на неговиот син Борјан Георгиевски, поранешен кошаркар и младински репрезентативец на Македонија.

„Пред сè, сакам да ѝ се заблагодарам на КФСМ на ваквиот потег. Тој не е тука, но мислам дека и нему би му претставувала голема чест. Буштур го заслужи сево ова и сметам дека е ова е една од најдобрите работи кои се случиле во македонскиот спорт и во македонската држава воопшто“ – вели Буштур јуниор.

Борјан се занимаваше и професионално со кошарката пред крајот на минатиот век, но подоцна се повлече од спортот и животот го однесе на друга страна. Купот на Македонија кој се одржува деновиве беше можност да се врати накратко во младоста.

„Се потсетив на деновите кога играв кошарка и многу ми е мерак поради тоа, особено бидејќи голем дел од овие играчи лично ги познавам. Можеби не е важно како се чувствувам јас, туку тоа што татко ми уживаше додека ги следеше овие натпреварувања. Иако не сум активно вклучен, ја сакам кошарката и се надевам дека ќе ни донесе уште многу успеси како спорт.“

За кого навива Борјан на ова издание од Купот?

„Цел живот навивам за МЗТ Скопје, но бидејќи ова е прва година во која Купот го носи името ‘Благоја Георгиевски Буштур’, би сакал да победи Работнички, поради татко ми кој цела кариера ја помина таму. Знам дека Работнички беше неговиот живот и тој сигурно ќе навиваше за него“

Одамна не сте активно вклучен во спортот, но ја следите ли домашната кошарка?

„Кога имам време, ги следам натпреварите од домашното првенство, сакам да гледам, сега сум малку поприсутен и на Купот на Македонија. Се надевам дека квалитетот ќе биде уште поголем, а со тоа и се повеќе луѓе ќе доаѓаат да гледаат кошарка. Се разбира дека го сакам спортот, сме живееле со и за него и сакаме да бидеме колку е можно поквалитетен“

Има идеја дека идната година од Купот да се направи уште поголем спектакл, а има иницијатива и за промена на пехарот кој би бил со мотиви кои потсетуваат на Буштур. Ќе учествувате ли вие во тој процес?

„Тоа е уште една работа поради која сум благодарен на Федерацијата и на претседателот Перо Антиќ кој, инаку, е мој личен пријател. Ќе учествувам во се што треба да се направи за да се сочува ликот и делото на Буштур. Отворен сум за секакви идеи, сугестии и решенија кои можат да бидат од помош на КФСМ“

Уште се свежи раните, но што е она по што лично го памтите Буштур?

„Татко ми беше шампион во сè. Прекрасен родител, одличен тренер, прекрасна личност, човек каков би посакало секое дете. На личен план ќе го памтам по еден баскет во Никозија кога јас и тој ги победивме двајцата најдобри играчи од Кипар“.

За помладите љубители на кошарката, Борјан Георгиевски не е анонимен во овој спорт, бидејќи во својата младост активно и професионално се занимаваше со него.

Ја помина младинската школа на МЗТ Скопје, а најголемиот успех го оствари со македонската кадетска репрезентација. Георгиевски беше член на М16 селекцијата која во 1995 година го освои четвртото место на Европското првенство во Португалија кое и ден-денес е најголем успех на една македонска младинска селекција на континенталните шампионати.

Во борбата за бронзениот медал, Македонија тогаш несреќно загуби од Грција со (72:73), нешто слично како сениорската репрезентација од Русија на Еуробаскетот во Литванија во 2011 година.

Заедно со него, во таа селекција беа и сегашниот спортски директор на КФСМ, Тодор Гечевски и уште: Гоце Герасимовски, Емил Рајковиќ, Тони Гацов, Ѓорѓи Калешов, Александар Велев, Саша Каталиниќ, Благоја Патровски, Зоран Петковски, Ненад Атанасов и Ерџан Прешова.

Селектор на таа репрезентација беше Митко Луковски.