Македонските преставници во квалификациите од ФИБА Евро купот денеска ги имаат првите предизвици. Од 14.30 часот, ТФТ игра со Седеак, пет часа подоцна, во четвртфиналето, Куманово на мегдан со Гмунден

Кошаркарите на ТФТ ги отвораат квалификациите бидејќи нивниот меч стартува од 14.30 часот, поради големата временска разлика со Краснојарск каде се игра квалификацискиот турнир.

Прв противник е унгарскиот претставник Седеак од Сегедин, третопласираната екипа од минатата сезона во домашното првенство и по основниот дел и во плеј-офот.

„Се наоѓаме во мошне тешка група, можеби најтешка во квалификациите, со тимови од најдобрите европски лиги како домаќинот Енисеј, потоа Хапоел Хаифа и Бајројт кој ни е можен ривал во полуфиналето. Нашата шанса ја гледаме во првиот меч, против Сегдеак, квалитетен тим со одлична бековска линија, предводена од Парсонс и Кук. Ривалот е добро скаутиран и се надеваме на победа и пласман во полуфиналето. Очекуваме да одиграме барем два натпревара во Краснојарск, но одиме без никаков притисок. Основна цел ни е да ‘купиме’ ново искуство од натпреварите на европска сцена, нешто што сум сигурен дека позитивно ќе влијае на натамошниот дел од сезоната“– вели пред европското деби, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски..

Куманово ќе биде дел од групата „А“ која разигрува во холандскиот Гронинген, а вечерва, од 19.30 часот. силите ќе ги одмери со австрискиот Гмунден.

„Станува збор за тим кој е шампион на Австрија. Од минатата сезона тимот е изменет со тоа што поголемиот дел од нивните кошаркари кои беа носители не се веќе дел од оваа екипа. Иако има измени во играчкиот кадар на нашиот противник не значи дека ние треба да ја отпишеме оваа екипа. Нашата шанса на овој меч ја гледам во нашата одбрана и брзата транзиција од одбраната во фазата од нападот. Само треба внимателно и сериозно да влеземе во мечот, резултатот ќе дојде сам по себе“– гласат очекувањата на тренерот Игор Ѓорѓиевски пред европскиот предизвик.

Доколку триумфира во полуфиналето македонскиот тим ќе се сретне со домаќинот на турнирот Гронинген. А во оваа група се наоѓаат уште Бенфика и Волунтари и кои би биле евентуални противници на Куманово во финалниот меч за влез во групната фаза од ова натпреварување.