Предводникот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Тодоров оптимистички е расположен пред квалификацискиот двомеч во Талин ж, истакнувајќи дека „црвено-жолтите“ влегуваат во денешниот прв предизвик против Италија со должен респект, но без „бело знаме“.

„Свесни сме дека станува збор за силен противник кој во минатиот циклус со голема леснотија ги совлада и Русија дома и Естонија во Талин. Седум од основните осум играчи кои настапија на тие два натпревари се тука. Затоа може да очекуваме идентичен стил на игра како во февруари. Направивме анализа, подобро речено, скаутинг. Верувам дека ќе најдеме одговор за нивната игра. Без разлика што играме против фаворитот број 1 во нашата група, со сигурност нема да излеземе ниту со преголем респект кон противникот, а најмалку со кренато бело знаме. Впрочем, синоќешната победа над Данска против огромниот фаворит Литванија, и тоа на домашен терен, ни дава за право да се надеваме на добар резултат. Доколку го сопреме нивното најсилно оружје, а тоа е шутот за три поени, пред сè, на четворицата нивни најдобри играчи, Дела Вале, Морети, Витали и Ричи. Фактот дека Италија е директно пласирана на ЕП им дава можност да играат без голем психолошки притисок, слободно, со многу шутирање, дури и во транзиција, затоа нашиот главен фокус треба да биде токму во таа насока“ – изјави Тодоров.

И покрај проблемите околу составот,селекторот е задоволен од подготовките и залагањето на сите повикани репрезентативци.

Иако имавме многу проблеми при селектирањето на 12. играчи, сепак исклучително сум задоволен од нивното залагање на тренинзите. Во моменти кога владее пандемија, и кога можеа да решат да седат дома, и да не ризикуваат со патување илјадници километри, овие 12 момци покажаа и карактер и патриотизам, за што сум им навистина благодарен. Се надевам дека за сето ова ќе бидат наградени со добар резултат и на двете средби во Талин“, истакна Тодоров.

 

„Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје и секој ќе си играше домашна лига. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, но ФИБА оцени дека мора да се игра. Дојдовме тука, ќе се надигруваме со противниците. Амбицијата кај нас секогаш постои, затоа што се игра за репрезентација и за еден циклус од шест натпревари во кои нема многу време за тактизирање. Во 2020 година во Европа секој игра кошарка, нема слаба селекција. Во која група и да бевме, со кого да се падневме, секој меч ќе беше тежок. Естонија ја има предноста кога е домаќин, но ние и така ќе моравме да одиме во Талин да победиме. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Ќе видиме“, додаде селекторот на македонската репрезентација во изјава за официјалниот сајт на КФМ.