Македонската кошаркарска репрезентација за една седмица против Естонија ќе го одигра првиот квалификациски меч за ЕП во 2021 година. Овој натпревар по многу што може да е пресуден ако се земе предвид дека Русија е голем фаворит во нашата група во која е и Италија, но има вајлд карта поради тоа што е една од земјите домаќини на Европскиот собир.

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров на денешната прес-конференција, изјави дека е задоволен од играчите кои ги селектираше за овој ФИБА прозор, а единствен негативен одговор добил од искусниот Предраг Самарџиски.

„Она што во овој момент е најважно за мене, ова е најоптималниот состав имајќи го во предвид здравствениот билтен, како и волјата на некои играчи. Кажав и на првата прес-конференција, никого нема да тераме да играме со сила за репрезентацијата. Добив само еден негативен одговор од сите кошаркари кои ги контактирав, Самарџиски ни соопшти дека нема прекин во втората турска лига и затоа нема да може да ни помогне“- изјави селекторот.

Селекторот се осврна и на Марко Симоновски, кој е повикант во селекцијата, иако последните неколку месеце е без клуб.

Марко Симоновски од дента кога ме избраа за селектор и од дента кога веќе го договоривме кондициониот тренер е во систем на подготовка, и физичка и кошаркарска. Имав една дилема во последните две недели да го земам во мојот тим Крајова за да тренира со екипата, но пеколниот ритам на натпревари не дозволи такво нешто. Во последните денови откако сум во Скопје работам индивидуално со него и со Марко Миловановиќ. Марко Симоновски е играч со кој сум работел, во кого имам доверба, верувам дека може да ни помогне бидејќи станува збор за само четири дена меѓу двете средби“- истакна поранешниот тренер на МЗТ Скопје.

Дуелот со Естонците во првото коло е важен, но не и пресуден бидејќи според Тодоров.

„Естонија е прв натпревар и зборуваме за овој противник, но она што успеавме да го сработиме досега е индивидуална анализа на сите кошаркари одделно. Го знаеме и потесниот список, знаеме што да очекуваме, кои играчи на која позиција играат, кои кошаркари ќе го понесат товарот на овој натпревар. Цела подготовка за средбата ќе биде подготовка на база на претпоставки бидејќи и ние сме со нов селектор како нив“- вели Тодоров.