Македонскиот првак МЗТ Скопје го донесе и третото засилување од странство, откако денеска го врати во своите редови српскиот центар Андрија Бојиќ.

27 годишниот Србин , висок 207 см, потпиша едногодишен договор со клубот од Аеродром.

Бојиќ беше дел од аеродромската чета во финишот од сезоната 2017/18 како и во текот на сезоната 2018/19, во која на крајот се закити со шампионскиот трофеј.

Минатото првенство го мина во романскиот тим Волунтари, по што повторно се врати во „Јане Сандански“.

Бојиќ во минатото играше и за ОКК Београд, Борац Чачак, Младост Земун, КСЕ Јашбери (Унгарија), Полфарма (Полска) и романска Политехника.

Србинот е трето странско засилување во тимот на МЗТ во пресрет на новата сезона во која македонскиот првак влегува со највисоки амбиции во АБА2-лигата и во двете домашни натпреварувања.

Претходно, МЗТ го донесе американскиот двоец Феми Олуџоби и Хасани Гравет.

Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање има и шест македонски репрезентативци – Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.