Неверојатно второ полувреме за Македонија, сосем спротивно на она првото, кое значеше и голема победа за македонската кошаркарска репрезентација која останува со шанси за пласман на Европското првенство.

Победивме против Италија со 9 коша разлика, односно 87:78. По лошото прво полувреме кога на пауза заминавме со 11 негатива, второто го доби Македонија со +20.

Најдобри во македонскиот национален тим беа Ненад Димитријевиќ со 22 поени и Андреј Магдевски со 20, нив ги следеа со двоцифрени бројки Војдан Стојановски со 16 поени и Џејкоб Вајли со 13.

Кај Италијанците најдобри беше Спису со 17 поени, а двоцифрени беа и Витали со 11, исто толку имаше Бартолани и десет Прочида.

Сега за нас останува да се надеваме дека Русија ќе победи против Естонија, па ние утре да си ја исполниме нашата задача и да победиме со најмалку 10 разлика против Естонците.



Проблем за Македонија може да претставува повредата која на крајот на мечот ја заработи Ненад Димитријевиќ, за која во текот на денот ќе видиме колку е сериозна.