Македонската кошаркарска репрезентација без да одигра ниту еден натпревар од двата предвидени во Талин од евроквалификациите ќе се врати дома.

Од целата експедиција, исклучок се кошаркарите кои беа позитивни на Ковид-19 како и Војдан Стојановски кој лета за Франција и кондицискиот тренер Ерен Хангул кој заминува за Инстамбул.

„Според протоколот на ФИБА за спроведување на случаите поврзани со присуство на Ковид 19 во некој национален тим, а кои се на сила во овој момент, членовите на нашата репрезентација кај кои беше утврден позитивен тест на Ковид-19, нема да можат да ја напуштат Естонија, се до добивање на прв негативен ПЦР тест потврден од страна на овластена медицинска лабораторија на оваа балтичка земја направен седум дена по претходното тестирање, во овој случај, на 28. ноември.

Доколку тестовите уште еднаш бидат позитивни, во рок од три дена, нашата „четворка“ ќе мора да биде тестирана уште еднаш. И најдоцна во рок од десет дена ќе ја напушти Естонија.

Согласно со здравствените мерки, се до тој момент, заразените мора да бидат во целосна изолација, односно ставени во карантин, кој, по инсистирање на водството на нашата федерација, наместо во една од болниците во Талин, ќе биде реализиран во хотелот „Хилтон Талин Парк“, каде што и беше сместена нашата најдобра селекција во изминатиот период.

За нивната здравствена и физичка состојба ќе се грижи, едно медицинско лице од нашата делегација, односно физиотерапевтот Ненад Попоски. Едно лице од федерацијата на Естонија, како и водичот кој од страна на организаторот му беше доделен на нашиот национален тим за време на турнирот во Талин.

Според претходниот план, во вторник рано изутрина, од 06.45 часот, нашиот тим, кој поради овој случај, не одигра ниту еден од двата предвидени натпревари на турнирот, полетува од Талин кон Франкфурт.“ – велат од КФСМ.