Ниту една група не може да биде лесна, но македонските одбојкари добија солидна група во квалификациите за Европското првенство во 2021 година. Противници ќе ни бидат Турција, Данска и Босна и Херцеговина.

Откако го остварија историскиот прв пласман на континенталните собири, а во Љубљана минатиот септември одиграа над очекувањата радувајќи се на две победи против Белорусија и против сребрената Словенија, нова цел на нашите одбојкари е да остварат постојаност во настапите на еврошампионатите. Се чини дека новиот резултатски успех може да биде учеството на Европското првенство во 2021-вата, коешто исто како и последното, ќе биде одржано во четири земји со настап на 24 селекции.

Покрај коорганизаторите Полска, Чешка, Естонија и Финска, како и осум национални состави според пласманот од ланскиот одбојкарски самит, на претстојниот шампионат ќе играат уште 12 репрезентации кои што за виза ќе се надмудруваат во квалификациите во август и во септември годинава. Македонскиот тим ќе биде во групата „Ц“, заедно со Турција, со Данска и со Босна и Херцеговина.

Квалификациите ќе се играат во периодот од август до септември, а на Европското првенство пласман ќе обезбедат седумте победници на групите, како и петте најдобри од второпласираните селекции.

Група „А“: Холандија, Шведска и Хрватска

Група „Б“: Бугарија, Австрија и Израел

Група „Ц“: Турција, Македонија, Данска и БиХ

Група „Д“: Шпанија, Латвија, Молдавија и Кипар

Група „Е“: Словачка, Романија, Швајцарија и Албанија

Група „Ф“: Грција, Црна Гора, Азербејџан и Грузија

Група „Г“: Белорусија, Португалија, Норвешка и Унгарија