Силното темпо кое го наметна стручниот штаб на македонската одбојкарска репрезентација не успеа да го издржи во целост Ѓорѓи Ѓорѓиев. Тој заработил повреда на стомачни мускули и поради ова е пратен во Скопје на рехабилитација.

Нашиот репрезентативен техничар се очекува да се врати во ритам за десетина дена, информираат од нашиот национален тим.

„Одбојкарите ги прифатија методите на работа на францускиот кондиционенен тренер Рејно Шоке иако се разбира дека се посветува внимание и на тактичкиот дел. Претходната недела работевме на прием, на одбрана и на контра, но без скокови, а веќе од наредната ќе почнеме и со вообичаените тренинзи на тактички план. Имаме доволно време да го завршиме тоа што го планиравме. Најпрво треба да се подготвиме кондициски.“- изјави селекторот Никола Матијашевиќ.

Ситни повреди имаат и Филип Николовски и Филип Маџунков но тие ќе останат во кампот на Маврово до 15 август.

По овој период на подготовка, нашиот национален тим ќе ја започне серијата контролни средби пред да замине на ЕП.