Македонската машка одбојкарска репрезентација го одработува главниот дел од подготовките за настапот на ЕП во септември. Капитенот, Никола Ѓорѓиев за Дриблинг.мк изјави дека се минува во најдобар ред и уверен е дека со добра работа може да се подигне формата на репрезентацијата.

„Подготовките течат одлично, доста е напорно, имаме и нов фитнес тренер и тој добро не’ изморува, но се е според планот и програмата. Нормално е во оваа фаза да чувствуваме се потешки, но морам да признаам дека играчите добро го поднесуваат темпото на работа и се мотивирани што подобро да се подготвиме. “ – вели Ѓорѓиев за Дриблинг.

Засега целиот фокус е поставен на кондициската подготовка, а условите за ова во Маврово се совршени.

„Во моментов не чувствуваме никаков притисок. Има време до контролните натпревари и настапот на ЕП. Само што почнавме да работиме со топка, но се е далеку од нас. Сигурно уште една недела ќе имаме физичка подготовка, а потоа ќе се насочиме кон техничко-тактичките подготовки.“ – додава Ѓорѓиев за Дриблинг.

Ги паметиме авантурите со автобус на одбојкарите, недостигот на опрема, авионски карти и нормално сместување, но ова е минато. Ѓорѓиев тврди дека за првпат во репрезентативната кариера има со што да се гордее.

„Условите за работа во овие моменти се на ниво на една светска репрезентација. Морам да признаам дека од 2005 година од кога сум дел од селекцијата вакви услови не сме имале. Селекторот Матијашевиќ заедно со Ратко Павличевиќ кој ни е втор тренер, а имаме и одличен фитнес тренер внимаваат како да ни помогнат и пред се често се во комуникација со нас и добро ја прилагодуваат програмата. Имаме и двајца физиотерапевти кои работат со нас секојдневно. Условите во Маврово се феноментални, имаме опрема и можам да признаам дека се чувствувам како да сум од Бразил.“ – изјави Ѓорѓиев за Дриблинг.

За соработката со стручниот тим како и за очекувањата од настапот на ЕП, ќе имате можност да прочитате во вториот дел од разговорот со нашиот капитен кој ќе го објавиме утре.