Со засилено темпо и добро прецизирана програма, нашите најдобри одбојкари ги одработуваат подготовките во Маврово. Селекторот Матијашевиќ заедно со неговите помошници се обидуваат да ги вратат во полн ритам одбојкарите пред контролните натпревари и настапот на ЕП.

Капитенот Никола Ѓорѓиев за Дриблинг потврди дека условите за работа се одлични и дека неговите соиграчи се максимално мотивирани.

„Соработката со Матијашевиќ е одлична. Тој ни дава голема мотивација, добиваме одлични совети и флексибилен е а тоа е многу важно. Неговиот збор е последен но владее пријателска атмосфера. Се надевам дека ќе не предводи до уште поголеми резултати.  Никој во моменотв не размислува за контролните натпревари. Гледаме добро да се подготвиме и да избегнеме повреди. Рано е уште да се зборува контролните натпревари. Жешко е, работиме напорно и тоа во моментов е најважно.“ – тврди Ѓорѓиев за Дриблинг.

Ѓорѓиев е уверен дека нашата репрезентација може да се носи противниците во групната фаза на ЕП, единствено Русија има квалитет кој во моментов е недостижен за нас.

„Нашата репрезентација има сила да се носи со Турција, Белорусија и со Финска. Со овие три селекции ќе се бориме за победа. Со Словенија ќе пробаме да надигруваме но со Русија мислам дека нема што да бараме, таа за мене е најсилната репрезентација во Европа. Нашата цел е пласман во следната фаза, тоа е нашиот сон, ќе се бориме за тоа но дали ќе стигнеме до тоа ќе видиме. “ – изјави Ѓорѓиев за Дриблинг.

Македонската репрезентација, деби настапот на ЕП ќе го има во салата „Стожице“ во Љубљана. Од 12 до 17 септември македонските одбојкари ќе одмерат со Финска, Турција, Русија, со Белорусија и со домаќинот Словенија.